Во присуство на претставници на локaлните власти на Дебар и пограничниот албански град Пешкопеа, синоќа во Центарот за култура во Дебар почна 29. Издание на традиционалниот албански фолклорен фестивал „Ода дибране“ (дебарска соба).

Манифестацијата, што традиционално се одржува во Пешкопеа, за првпат во Дебар се одржа пред осум години, од кога официјално почнува во Дебар.

Фестивалот за отворен го прогласија градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука и Лавдерим Краши, пратеник од Пешкопеа во албанскиот парламент.

– Посебна чест и задоволство ми е што токму во нашиот град почнува оваа значајна манифестација, која во следните два дена продолжува во Пешкопеа. Ова културен настан од особено значење каде двата града заедно ја реализираат оваа културна активност, на која имаме можност да видиме дел од богатиот фолклор и носија од сеалбанските простори. Овој фестивал по важност и уметничка содржина е рангиран веднаш по фестивалот во Ѓирокастро, рече меѓу другото Дука.

Пратеникот Краши се заблагодари за гостопримството посакувајќи пријатни мигови со изведбата на фолклорните ансамбли од Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора.

Пред почетокот на првата фестивалска вечер, учесниците продефилираа низ центарот на градот.

Оваа културна манифестација финанисиски е поддржана од албанското министерство за култура, општина и округ Пешкопеа, општина Дебар, како и други донатори.