На 96-годишна возраст денеска во Атина почина познатиот грчкиот композитор, диригент и политичар Микис Теодоракис, препознатлив по неговото дело, музиката за „Гркот Зорбас“, јави дописничката на МИА од Атина.
Теодоракис и е познат на македонската јавност по концертот одржан во 1997 година во Скопје, но и по неговата поддршка на протестите против Договорот од Преспа и против употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата земја.
Според грчките медиуми од 90-те години, за време на неговиот престој во Скопје, Теодоракис го посетил и гробот на Георгиос Алексис Зорбас, а на концертот одржан во МОБ, заедно со македонските уметници, го претставил своето музичко дело „Гркот Зорбас“.
На концертот присуствувале и претставници на државниот врв меѓу кои и тогашниот претседател Киро Глигоров.
Во 2018 година, кога во тек беа преговорите за името, како и една година подоцна по постигнувањето на Договорот од Преспа, а во Солун и Атина се одржуваа протести, Микис Теодоракис даде јавна и отворена поддршка на демонстрантите, неколку пати, преку грчките медиуми го изразуваше неговиот став против решението.
На еден од протестите во Атина, на 4 февруари 2018 година, беше еден од централните говорници и им се обрати на демонстрантите, упатувајќи порака дека „Македонија е една и грчка“.
Теодоракис е роден на 29 јули 1925 година на грчкиот остров Хиос, а во текот на неговиот живот, освен со музиката, се занимаваше и со политика и во периодот 1990-1992 година беше и министер и пратеник.
Членовите на грчкиот Парламент, утрово, на почетокот на денешната седница, со едноминутен молк го „испратија“ Микис Теодоракис.