Поранешниот напаѓач кој сè уште фигурира како најдобар стрелец во историјата на Тотенхем, утрово почина во својот дом. 

Во пресрет на денешното големо дерби на Лондон, меѓу Тотенхем и Челзи, од утринава тага во редовите на „спарси“, но и во цела фудбалска Англија. Имено на 81 година почина легендарниот фудбалер на Тотенхем и член на репрезентацијата на Англија, Џими Гривс.

Гривс беше познат како еден од најдобрите голгетери во својата генерација, а остави голем печат во дресот на Тотенхем. Од 1961 до 1970 година одигра 379 средби во кои постигна 266 погодоци, со кои уште е најдобар стрелец во историјата на клубот.

Освен во Тотенхем, Гривс настапуваше и за екипата на Челзи, кратко играше за Милан, а потоа уште и за Вест Хем, Брентвуд, Челмсфорд Сити, Барнет и Вудворд Таун.