Шеесет и тригодишниот маж од кратовското село Емирица кого што пет часа го носеа на раце во импровизирана носилка, починал утрово во Штипската болница.
Имаше мозочно крварење и сите денови во болница беше во тешка загрозувачка состојба и во коматозна состојба. Поради тешката состојба, немаше можност за операција и се чекаше подобрување по препишаната и аплицирана терапија. Утрово почина на одделот за хирургија, ни одговорија од штипската болница на прашањето за случајот, информираат од штипската болница за ТВ Телма.
Сточарот преживеа мозочен удар, а за неговиот случај се разбра откако лекар од кратовската Итна помош преку ФБ објави како неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото за итна помош кое не можело да стаса поради непристапен терен.
Пред да дојде медицинската екипа на местото кога тој паднал, сточарот поминал 12 часа паднат на снег, на отворено, додека неговата 90-годишна мајка се обидувала да го загрее.
Инаку, комисија за утврдување на правилност во примената на стандардните оперативни процедури за работа на Регионалните центри за управување со кризи Кратово (5/8) и Куманово (7/24) почна со работа, информираат од Центарот за управување со кризи. Тоа, се вели во соопштението од ЦУК, е дел од преземените активности заради целосно расветлување на случајот на координацијата и давањето помош на медицинскиот тим во Кратовско, којшто го спаси премрзнатиот сточар од село Емирица.