„Со започнувањето на второто полугодие од учебната година, се зголемува присуството на деца како пешаци и учесници во сообраќајот, особено во зоните околу основните училишта и детските градинки. Имајќи ја предвид нивната ранливост и ограничената способност за навремена проценка на сообраќајните ситуации, безбедноста на децата во сообраќајот претставува приоритет од највисок јавен интерес“, велат од РСБСП.

„Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, континуирано ги реализира превентивно-едукативните активности во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, насочени кон унапредување на сообраќајната култура и подигање на нивото на безбедно однесување кај најмладите учесници во сообраќајот.

Преку едукативни предавања и практични активности во образовните установи, децата се стекнуваат со основни знаења и вештини за безбедно учество во сообраќајот. Истовремено, се нагласува значењето на улогата на родителите и возачите како клучни фактори во градењето на безбедни навики и одговорно однесување.

Во овој период на зголемен интензитет на сообраќај, РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на сообраќајните правила и зголемена внимателност, особено во близина на училишта, пешачки премини и зони со смирен сообраќај“, се вели во соопшштението на РСБСП.

„Апел до возачите и родителите:

· Да ја прилагодат брзината на движење согласно поставената сообраќајна сигнализација и условите на патот.

· Да покажат зголемена внимателност и подготвеност за ненадејни реакции на децата.

· Да не паркираат возила на места со намалена прегледност, особено во близина на пешачки премини и влезови на училишта.

· Континуирано да разговараат со децата за правилно и безбедно движење во сообраќајот и да бидат пример со сопственото однесување.

Пораки до децата – пешаци:

· Улицата се поминува исклучиво на обележан пешачки премин.

· Пред преминување задолжително да се застане и внимателно да се погледне лево, десно и повторно лево.

· Да не се истрчува на коловоз и улицата да се поминува со нормален чекор.

· Да се користи тротоарот или пешачката патека, а доколку не постојат, движењето да биде по левата страна од коловозот.

· Улицата да не се користи за игра и престој.

РСБСП потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила претставува сериозен ризик по безбедноста на децата и може да доведе до тешки последици. Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и бара континуирано внимание, дисциплина и соработка од сите“, соопштува РСБСП.

Текстот Почеток на второто полугодие: РСБСП апелира за зголемена безбедност на децата во сообраќајот е превземен од МАКФАКС.