Денеска во првиот од двата пријателски натпревари одигран во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје со резултат 25:21 македонската сениорска репрезентација го совлада Чиле.
И додека нашата селекција (како прва „резерва“) чека евентуално откажување на една од репрезентациите кои месецов ќе настапат на Светското првенство, селекторот Данило Брестовац ги собра ракометарите да го искористат периодот за одигрување на контролни мечеви.
На денешниот меч во нашиот состав недостасуваа неколку првотимци како Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Дејан Манасков. Најефикасни во победата беа Жарко Пешевски и Мартин Серафимов со по пет голови, а три забележа Бојан Маџовски. Кирил Лазаров е во составот, а Брестовац одлучи да им даде повеќе шанса на помладите ракометари.
Ќе имаме уште еден тест од затворен карактер против јужноамериканската селекција која пак е учесник на претстојниот Мундијал кој ќе стартува на 13 јануари во Египет.
Воедно оваа ЕХФ недела „црвено-жолтите“ ја искористуваат и како подготовка пред наредните квалификациски мечеви против Данска во март и во април со Финска и Швајцарија за пласман на ЕП 2022 во Словачка и Унгарија.