Демонстрациите против хунтата во Мјанмар продолжија и денеска, еден ден откако безбедносните сили убија над сто луѓе.

Вчерашниот ден е најкрвав од почетокот на масоввните протести што почнаа на 1 февруари откако беше извршен воен удар и беа уапсени членови на Владата.

Протести се организирани низ целата земја, а безбедносните сили во некои места употребија сила.

За време на вчерашните протести загинаа 114 луѓе, меѓу кои и неколку деца, со што вкупниот број на жртви се искачи на 420.

Вчерашното насилство го осуди генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, кој истакна дека е шокиран од убиствата и оти воената репресија е неприфатлива. Тој побара „цврст, единствен и одлучен меѓународен одговор“.

И американскиот државен секретар Ентони Блинкен наведе дека Вашингтон е „вџашен од крвопролевањето“ и оти тоа „покажува дека воената хунта ги жртвува животите на луѓето за да им служи само на мал број луѓе “.

И началниците на Генералштабовите на 12 држави, меѓу кои на САД, на Велика Британија и на Германија, во заедничка изјава ја осудија употребатѕа на сила против невоиоружени луѓе.