Прилиминарните податоци објавени од HMO Maccabi, водечка агенција за осигурување во Израел, покажуваат дека помалку од 0,01 процент, или само 20 од 128.600 лица кои ги примиле обете дози на вакцината Фајзер, се заразиле со коронавирус.
Израел во моментов е меѓу светските лидери кога станува збор за брза кампања за вакцинација против коронавирус. Граѓаните започнале да ги примаат првите дози на вакцината на 19 декември.
Израелците секоја недела им испраќаат информации на Фајзер за кампањата за вакцинација, во согласност со договорот за соработка, што може да им помогне на другите земји да ги прилагодат сопствените начини и темпото на вакцинација.
Експертите на HMO Maccabi објавија дека ова се прелиминарни податоци, но дека бројките се охрабрувачки.
Од 20-те заразени лица, половина страдале од хронични заболувања. Сите покажале само благи симптоми, како што се главоболка, кашлица, општа слабост и замор, но никој од вакцинираните не бил хоспитализиран или имал температура повисока од 38,5 степени Целзиусови. Повеќето биле тестирани на ковид-19 поради контакт со лице со потврдена инфекција.
Анат Ека Зохар, директор на Одделот за информации и дигитално здравје при ХМО Макаби, рече дека службата ќе продолжи да ги следи истите пациенти за да утврди дали тие сè уште имаат само лесни симптоми или евентуално ќе развијат некои компликации.
Повеќе од 2,6 милиони Израелци досега ја примиле првата доза на вакцината, а околу 1,2 милиони се вакцинирани со обете. Израел има околу 9 милиони жители.
Израелските власти објавија околу 600 000 случаи на инфекција со коронавирус и 4,478 смртни случаи од почетокот на пандемијата, објави Ројтерс.