Модниот дизајнер што беше обвинет за сексуален мобинг и злоупотреба, конечно излезе со изјава во која изрази жалење поради своето однесување, што на некои луѓе им предизвикало болка.
Во понеделникот Александер Ванг на својот инстаграм-профил објави изјава со која одговори на обвинувањата против него за сексуален мобинг и злоупотреба.
„Неколкумина излегоа јавно со изјави против мене, а поврзани со некои мои лични однесувања. Го поддржувам нивното право да истапат јавно, ги слушав внимателно што имаат да кажат. Не им беше лесно да ја кажат својата страна од приказната и жалам што сум се однесувал на начин што им предизвикал болка. Додека не се сложувам со некои детали во врска со овие лични интеракции, во иднина ќе бидам подобар пример и ќе го користам своето име и влијание да ги охрабрам другите да препознаат штетни однесувања. Животот е за учење и растење, а сега кога знам подобро, така и ќе постапувам“, напиша креаторот.
Сè започна со „Тик-ток“ објава
Оваа изјава следуваше по неколку обвинувања што се појавија на социјалните мрежи, од мажи дека кон нив се однесувал непримерно, користејќи го своето име и моќ.
На крајот од декември Ванг изјави дека тие тврдења се лажни и со цел да му наштетат.
„Последниве неколку денови сум цел на неточни и гротескни обвинувања. Тие се дело на луѓе кои ги користат своите профили за социјалните мрежи за да постигнат слава и сè што објавија се само анонимни изјави без трошка докази во нив“, напиша тогаш Ванг и додаде дека никогаш не бил вмешан во такви непристојни однесувања.
„Прочитав многу лаги за однесување кое лично не го оправдувам кај други луѓе, а не пак да го практикувам лично. Никогаш не сум направил такво нешто и не сум се довел себеси во толку ниска и непријатна ситуација како што некои луѓе тврдат.“
Потоа Ванг најави дека ќе ја тера работата до конечно откривање на вистината и пронаоѓањето на луѓето што ја започнале хајката против него.
А, сè започна кога моделот Овен Муни во видео на „Тик-ток“ изјави дека „многу познат дизајнер“ во еден клуб во Њујорк во 2017 година, непристојно го допирал.
„Вечерта во клубот беше голема гужва, и додека стоев, човекот до мене очигледно ја искористи гужвата и тоа што никој не можеше да се помести, па почна да ме допира. По ногата, нагоре до интимните делови, што непријатно ме изненади и буквално бев во шок. Се свртев да видам кој е до мене и непријатно се изненадив кога видов дека е еден многу познат моден дизајнер. Не можев да поверувам дека тој ми го прави тоа, а ова дополнително ме шокираше. Навистина непријатно беше“, Овен го опиша непријатниот настан.
Два дена подоцна неговите следбеници погодуваа за кого станува збор и кога беше напишано името на Александер Ванг, Муни потврди.
„Изгледа дека Александер Ванг е голем сексуален предатор. Тој треба да биде разоткриен. Навистина не е пријатно тоа што луѓето со статус како него мислат дека имаат голема моќ и можат да прават сè што ќе посакаат, без да бидат казнети“, зборуваше Овен во друго видео на „Тик-ток“.
Обвинувања за силување
По него, на инстаграм-страницата @s—tmodelmmgmt, беа објавени анонимни изјави од луѓе што тврдеа дека исто така биле сексуално нападнати, дури и силувани од Ванг, откако им била давана вода со дрога во неа. Во објавата има скриншоти од изјавите што биле пратени до креаторот на страницата. Истовремено беа повикани обожавателите на Ванг да го „отследат“ на социјалните медиуми.
„Наместо да се туркаат ваквите работи под тепих, време е да се сменат нештата. Време е злоупотребувачите во модната индустрија да се разоткријат. Не смееме да дозволиме славните да се извлекуваат од обвинувања за сексуална злоупотреба само поради тоа што се на пиедестал.“
Муни подоцна им заблагодари на луѓето што го поддржале и помогнале да се докаже дека не е единствен кој поминал низ непријатно искуство. Тој исто така одговори зошто решил по три години јавно да прозбори.
„Никогаш не криев што ми се случило. Мојата приказна ја знаеја моето семејство и пријателите. Но, видеото на Тик-ток го објавив сега кога сметав дека е време да се открие што некои моќни луѓе прават“, изјави подоцна Муни и додаде дека немал намера да открие оти се работи за Ванг, но тоа го сторил откако видел дека и други луѓе го посочуваат него. Муни исто така изјави дека ова ќе биде поука за Ванг и нема во иднина да прави исти работи, а неговите првични негирања за настанот ги нарече лаги.