Во Хрватска е потврден изолиран случај на лепра, хронична заразна болест позната уште од библиски времиња. Станува збор за странски работник, а надлежните институции уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема причина за паника, објави „Индекс“, повикувајќи се на Министерството за здравство.
Последниот регистриран случај на лепра во Хрватска бил во 1993 година.
Лепрата, позната и како губа, е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Најчесто ги зафаќа кожата и периферните нерви, а доколку не се лекува, може да доведе до трајни оштетувања и инвалидитет. Иако со векови била симбол на стигма и изолација, денес лепрата успешно се лекува со комбинација од антибиотици и претставува излечива болест. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќето заболени со навремено лекување можат да водат нормален живот без ризик за околината.
Ситуацијата е под контрола, смируваат надлежните
Пациентот со симптоми на лепра пред околу десет дена се јавил кај епидемиолозите во Сплит. Случајот го потврди и раководителот на Службата за епидемиологија на заразни болести при Хрватскиот завод за јавно здравје, Бернард Кајиќ.
„За ова не се зборуваше јавно затоа што случајот е навреме откриен. Човекот се лекува, неговите блиски контакти добија постекспозициска терапија, иако тие не се заразени. Сè е под контрола“, изјави Кајиќ.
Од Министерството за здравство појаснија дека станува збор за странски работник од Непал, кој со семејството живее во Хрватска веќе две години.
Болест што се лекува
Кајиќ објасни дека лепрата се манифестира со кожни промени и оштетувања на нервите, поради што пациентите губат осет или чувствуваат слабост. „Слично како и туберкулозата, која исто така е хронична болест, лепрата може да се излекува. Лекувањето трае од шест до дванаесет месеци со повеќе видови лекови. Не станува збор за нешто страшно“, нагласи тој.
Можни здравствени проверки за странски работници
Во Хрватска се подготвува регулатива, поттикната од ХЗЈЗ, со која странските работници би морале да приложат доказ за вакцинација за да добијат дозвола за работа. Станува збор за основни вакцини важни за колективниот имунитет, а се разгледува и воведување прегледи за болести кои не се присутни во земјата, со цел навремено откривање и спречување на нивно ширење.
За случајот зборуваше и Иван Пуљиз, раководител на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, кој истакна дека нема причина за загриженост кај граѓаните.
„Последниот случај во Хрватска бил пред повеќе од 30 години. Во текот на 20 век биле регистрирани околу 20 случаи“, изјави Пуљиз, додавајќи дека болеста повторно се појавува поради миграции од земји каде што лепрата сè уште е ендемска, како делови од Бразил, Индија, Индонезија и Демократска Република Конго.
Инкубацискиот период може да трае од половина година до 10 години, а понекогаш и подолго, поради што болеста не може однапред да се детектира кај лица кои доаѓаат од тие региони.
Нема опасност од ширење
Лекарите нагласуваат дека лепрата не е високо заразна болест. За пренос е потребен долготраен и близок контакт, најчесто во рамки на исто домаќинство. Не е потребна ниту посебна изолација, а терапијата брзо го намалува ризикот од заразување.
Случај и во Романија
Како што пренесува „Индекс“, во Романија неодамна е потврден прв случај на лепра по повеќе од 40 години. Заболена е жена од азиско потекло, вработена како масерка во спа-центар во Клуж-Напока, додека уште три лица се под медицински надзор. Објектот е привремено затворен, спроведена е дезинфекција и е започната епидемиолошка истрага. Последниот случај во Романија бил регистриран во 1981 година.
Фото: pexels
Текстот По три децении, Хрватска регистрира случај на лепра е превземен од МАКФАКС.























