Под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“, се одржува овогодинешното издание на „Скопје прајд“. Почетна точка беше во паркот „Жена-борец“ во Скопје, од каде што во 19 часот тргна третата по ред скопска парада на гордоста кон Стадионот на АРМ, каде што се одржува пригодна програма и на која настап има овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.
Покрај неа, настапуваат и оперската пејачка Наде Талевска, како и дрег кралици од земјава и од регионот, а со диџеј сетови ќе се претстават Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.
„Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, порачаа пред собирот организаторите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).
Меѓу присутните се и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд Јована Тренчевска, како и повеќе други јавни личности.