Владините приоритети ќе останат исти и по приклучувањето на Алтернатива во Владата. На земјата не и се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори, туку стабилност за да се остварат приоритетите од владината програма, рекол премиерот Зоран Заев на синоќешната средба со помалите коалициони партнери, соопшти денеска владината прес-служба.
Во соопштението се наведува дека Заев им рекол оти по постигнатиот договор ќе се работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се изнаоѓањето решение со Бугарија, справувањето со ковид-19 и глобалната енергетска криза.
Новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните, им рекол Заев на партнерите.
Заев ги запознал лидерите од коалицијата со деталите од договорот со Алтернатива, како и со содржината на документот Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија кој треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.
Заев и лидерот на Алтарнатива Африм Гаши во неделата потпишаа договор за пристапување на паријата во Владата и да бидат дел од парламентарното мнозинство.