Силна поддршка за влезот на Бугарија во Шенген и Еврозоната, како и во однос на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР), изразија високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и министрите за надворешни работи на Германија – Аналена Бербок и на Чешка – Јан Липевски. Ова се случи на нивните средби со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел.
Тие се одржаа во рамките на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ – „Гимних“, во Толедо, Шпанија, соопшти бугарското МНР, јавува БТА, пренесува Трибуна.
Главните теми на форумот беа руската агресија врз Украина и ситуацијата во Нигер и Сахел.
Во првиот дел од дебатата, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, пред министрите ги презентираше најновите случувања во ситуацијата во Украина и ги истакна идните важни чекори во заедничките иницијативи со ЕУ.
Шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел го истакна стратешкото значење на регионот на Црното Море. Таа, исто така, ја нагласи важноста на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, како и потребата од повеќе дипломатски напори за поддршка на „Мировната формула“ на претседателот Зеленски. Марија Габриел претходно денеска имаше билатерална средба и со Дмитро Кулеба.