По повод 30 години јубилеј од независноста на Република Северна Македонија, министерот за надворешни работи Бујар Османи, донесе одлука оваа година да врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на нашата држава и регионот.
Со овој чин, информираат од МНР, придаваме симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евроатлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество.
– Триесет години подоцна, Република Северна Македонија има предвидлива иднина, како земја членка на клучните западни механизми на интеграција, но и предвидлива политичка и економска стабилност. Најголемата заслуга за тоа е секако на сопствените граѓани, но поддршката од пријателите низ светот има исто така огромна важност во остварувањето на овие амбиции, посочуваат од Министерството.
Вреднувајќи го нивниот особен придонес низ призмата на многу настани и процеси, велат од МНР, кои претставуваат важни моменти на нашето блиско минато, развојот и активното вклучување како модерна и просперитетна членка на меѓународната заедница, како и исклучителните залагања за надминување на пречките кон зацртаните цели од значење за нашата надворешна политика, а со тоа и севкупниот општествено-економски развој, изразуваме признание за нивниот придонес во развојот на земјава на следните личности:
Роберт Бадинтер, претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија
Лоренс Батлер, амбасадор на САД (2002-2005)
Ерхард Бусек, специјален координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа (2002-2008)
Макс Ван Дер Штул, висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ (1993-2001) – постхумно
Сер Барни Вајт Спунгер, британски генерал и командант на НАТО во нашата земја (2001) и член на Охридската група
Жељу Желев, претседател на Република Бугарија (1990-1997) – постхумно
Клаус Кинкел, министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија (1992-1998) – постхумно
Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Хеленска Република (2015-2018)
Ален Ле Руа, специјален претставник на ЕУ (2001-2002) и член на Охридската група
Штефан Лене, директор на директоратот за Балкан, Источна Европа и Централна Азија во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ (2002-2008)
Ана Линд, министер за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ (2001) – постхумно
Тадеуш Мазовјецки, специјален известувач на Комисијата за човекови права на ООН – постхумно
Џон Мекејн, американски сенатор -постхумно
Метју Нимиц, личен претставник на Генералниот секретар на ООН (1999-2019)
Лорд Патен, европски комесар за надворешни работи (1999-2004)
Џејмс Пердју, претставник на САД во нашата земја (2001) – постхумно
Реинхард Прибе, директор за Западен Балкан во Генералниот секретаријат за надворешни работи (2001-2004) и за проширување (2005-2006) на ЕУ
Романо Проди, поранешен премиер на Италија и претседател на Европската комисија (1999-2004)
Кондолиза Рајс, државен секретар на САД (2005-2009)
Оли Рен, европски комесар за проширување (2004-2010)
Лорд Робертсон, генерален секретар на НАТО (1999-2004) и претседавач на Охридската група
Даниел Сервер, универзитетски професор
Дејвид Слин, поранешен британски дипломат
Хавиер Солана, висок претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика (1999-2009) и член на Охридската група
Жан Франсоа Терал, амбасадор на Француската Република (2000-2003)
Питер Фејт, личен претставник на генералниот секретар на НАТО (2001)
Ерван Фуере, специјален претставник на ЕУ и шеф на Делегацијата на Европската комисија (2005-2011)
Кристофер Хил, амбасадор на САД (1996-1999)
Ричард Холбрук, помошник Државен секретар на САД за европски и канадски прашања (1994-1996)- постхумно
Хикмет Четин, министер за надворешни работи на Република Турција (1991-1994)
Ханс Лотар Штепан, историчар и амбасадор на Сојузна Република Германија (1993-1997) – постхумно.