Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска преку видео врска имаше обраќање на настанот организиран од ЕПИ на тема „Дигитално судство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“.
Маричиќ посочи дека како Министерство свесно или не, се соочуваат со огромни промени кои ги наметна дигиталната ера.
Следејќи ги промените во начинот на кој живееме произлегува и потребата нашето општество да доживее дигитална трансформација. Таа полека, но сигурно ќе ја преземе секоја клетка на нашето општество без исклучок. Примената на информатичко-комуникациските технологии на државно и локално ниво во рамките на јавните служби се претвори во нужна потреба со која ќе се придонесе за подигнување на квалитетот на давање услуги кон граѓаните а со тоа и да се подобри односот помеѓу граѓаните и општо државните институциите, рече Маричиќ.
Според него во овој тежок период на светска пандемија, стана јасно дека дигиталната трансформација не е само пожелна, туку и апсолутно неопходна за ефикасен и функционален јавен сектор.
– Само независното и непристрасно судство може да биде гарант за демократијата и владеењето на правото. Затоа како Влада и како Министерство за правда покажавме силна политичка волја, заложба за реформирање на правосудниот систем и желба за враќање на довербата на граѓаните кон државните институциите. Работиме на остварување на целите кои ги имаме поставено пред нас и полека, но сигурно веќе резултатите се гледаат. Дигитализацијата на која сме фокусирани изминатиот период, очекуваме да придонесе кон зголемување на транспарентноста и отвореноста на судовите, зголемување на ефикасноста на судиите и судовите, и овозможување полесен и поедноставен пристап до правдата и до услугите, истакна министерот за правда.
Секој момент, како што посочи Маричиќ, се очекуваат да пристигнат во државата двајца експерти од САД во обиколка на судовите, со цел да направат целосна спецификација, бидејќи секој суд, секоја судница си има свои карактеристики, а соодветно на тоа и за потребата за опремување ќе биде различна. Први ќе бидат опремени Основните судови Штип, Кавадарци и Струмица, како и Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје, кажа Маричиќ.
Воедно, министерот нагласи дека со ОБСЕ се работи на изготвување функционална платформа на која ќе бидат бидат објавувани податоци за работата на судовите во врска со квалитетот и квантитетот на нивното работење (распределбата на предмети, завршени предмети, времетраењето на постапките, одложувањета итн).