Во периодот од 21 до 27 јули 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 154 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, месарници, цвеќарници, рибници туристички агенции, хотел и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите биле реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од 154 контролирани субјекти, кај 34%, односно кај 52 од контролираните се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 52 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. Кај пет даночни обврзници, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност. Привремено затворање на објекти е изречено за три субјекти во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга.
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: •Во Скопје извршени се 43 контроли и при истите утврдени се 9 неправилности; •Во Струга, Охрид и Ресен извршени се 64 контроли, а утврдени се 10 неправилности во Струга, Охрид – 14, Ресен – 2 ; •Во Прилеп извршени се 5 контроли, a утврдени се 3 неправилности; •Во Струмица и Дојран извршени се 12 контроли, а утврдени се 2 неправилности во Дојран •Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности од кој 4 во Тетово, и по една во Гостивар и Кичево; •Во Штип, Македонска Каменица и Берово извршени се 15 контроли и утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово“.
УЈП со апел до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
Најавуваат дека Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
„Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници. Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на одржлив, функционален и фер даночен систем“.
Текстот По контролите на УЈП фискализација : затворени пет објекти, утврдени неправилности кај една третина од контролираните е превземен од МАКФАКС.