Од Европската Комисија за МИА не сакаат да влегуваат во детали околу политичката ситуација во Бугарија после изборите што се одржаа во неделата, но се надеваат дека Скопје и Софија ќе постигнат компромис, јави дописничката на МИА од Брисел.
Портпаролката на Европската Комисија задолжена за проширувањето, Ана Писонеро, за МИА кусо прифати да искоментира дека Брисел „ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања“.
-Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро, додаде Писонеро за МИА.
На парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.