Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Македонски Брод, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше дека се неопходни реформи, ресет на системот кој ќе донесе подобар живот и владеење на правото.
Истакна дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судиите да судат според законот, а не според влијанија.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството и ќе изградиме систем на кој гордо ќе му служиме. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“ не само во едно Министерство или една партија, туку во мрежи кои понекогаш се шират низ партии, институции и, жално, понекогаш и низ етничките заедници“, истакна Мицкоски.
Додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад статуси или мандати додека ги краде шансите на граѓаните. Реформите што ги најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите ќе ги исечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е реванш, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите кои веруваат во правото, за да изградиме држава каде што институциите служат на народот а не на сопствени интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет; заедно ќе ја вратиме довербата“ истакна Мицкоски.
Ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат за број 9.
„Мене ми е јасна состојбата со опозицијата на трикови, подземни коалиции но тоа нема да го коментирам. Затоа е многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Текстот По изборите ресет на системот, да изградиме правна држава и непристрасно правосудство, порача Мицкоски е превземен од МАКФАКС.