Колку луѓе, толку судбини. Некои од нив имаат тажен почеток и среќен крај, други пак, обратното. Постојат и такви кои постојано се движат нагоре – надолу, на ролеркостерот наречен живот.
Животната приказната на Славица Танева – Анева, по многу нешта можеби е вообичаена, но откако ќе ја прочитате, сигурна сум дека ќе останете со барем едно неодговорено прашање. Јас не успеав да си одговорам: кога завршува нашата одговорност кон децата во име на љубов кон маж/жена кој/а не е родител на тие деца?
Развод по 24 години брак и три деца
Славица Танева – Анева е 46 годишна штипјанка, која живее и работи во родниот град. Завршила Филолошки факултет во Скопје, група македонски јазик и книжевност. Во моментов работи како образовен асистент на дете со попреченост за полесно интегрирање во училиштето и во општеството. Вели дека имала многу убаво детство:
– Имам две постари сестри и прекрасни родители. Татко ми почина кога имав 33 години. Мајка ми е сè уште жива и ми е најголема поддршка и потпора во мојот живот.
Славица стапила во брак на само 19 години, бидејќи, како што вели, била вљубена и среќна. Се надевала дека ќе остаре заедно со, сега веќе, поранешниот сопруг. По 24 години брак и три заеднички деца, тие одлучиле да се разделат. Причината? Сопругот ѝ признал дека е премногу вљубен во жена која била токму онаква каква што тој всушност со години се обидувал да ја направи Славица.
– Едноставно, тој не ме прифаќаше таква како што сум со сите мои недостатоци и доблести. За разводот е повеќе виновен сопругот, но и јас веќе неколку години бев свесна дека љубовта од моја страна се намалила токму поради секојдневните расправии што ги имавме во врска со финансии, деца, семејство, однесување. Тогаш забележав дека сум посреќна кога, едноставно, не е дома, се присетува Славица.
Вели дека тој многу ретко доаѓа кај нив, бидејќи живее во Скопје, а и не и е од помош, зашто, како што таа вели, кога ќе дојде кај нив само дрдори и повеќе им создава штета, отколку корист. Алиментација плаќа редовно за две деца, но Славица смета дека сумата треба да биде поголема од таа што ја дава.
Живот со син со аутизам, но генијален
Распадот на бракот, не е единствената мака на Славица. Имено, едното синче има аутизам. Стојан е 18 годишен, но за среќа е аспергер, односно високо функционален.
– Многу е добар, послушен и внимателен. Негов хендикеп е тоа што не поднесува бучави, посебно викотници од мали деца, не поднесува титкање на „месинџери“ кога доаѓаат пораки на мобилните телефони. Кога ќе дојде до врвот на нервозата, тој многу силно вика и намерно паѓа на подот. Тешко ја поднесува и неговата 9 годишна сестра. Заедно, во исто време имаат онлајн часови и си пречат еден на друг, секако, не по нивна вина. Освен недостатоци, тој е и генијалец. Ги знае речиси сите главни градови во светот, многу чита, истражува, а многу сака и математика. Доколку му се каже некоја подолга реченица, тој за 2 секунди може да изброи колку букви има во неа. Сите свои мисли гласно ги искажува и ред други работи. Многу може за него да се зборува, -гордо раскажува Славица за својот син Стојан.
Нејзина најголема поддршка, вели дека е нејзината мајка, како и сестрите со нивните семејства.
– Сите што ги набројав многу ги сакам и секојдневно се заблагодарувам на господ што постојат во мојот живот, вели таа.
Нејзините деца остануваат незаменлива поддршка и причина да чекори достоинствено низ животот, иако, Славица не може да престане да се прашува дали ова што се случило помеѓу неа и сопругот е некаква божја казна.
Најстариот син, вели Славица, не ги искажува своите емоции, но мајката знае и чувствува дека му е тешко. Кај девојчето, вели дека препознава фрустрации. Иако, судски разделени во 2018 година, токму поради децата, Славица одлучила да го задржи и презимето од сопругот, па оттука и Танева – Анева. Секако, не е воопшто едноставно, 24 години брак и 3 деца, да се остават позади себе, поради љубов кон друга жена.
Ѝ посакуваме на Славица да ја задржи храброста што ја докажа преку искрениот разговор со нас, бидејќи среќата ги следи храбрите!