Огромната армија од теракота, откриена во 1974 година од група кинески селани од провинцијата Шанкси, со децении го привлекува вниманието на светската јавност. „Воините на сенките“ или „Глинените воини“, се откриени сосема случајно, додека селаните копале бунар во обид да дојдат до вода.

Advertisements

Уште од тогаш научниците се прашуваат дали е можно сите воини да се направени врз основа на вистински луѓе или едноставно станува збор за „шаболон“, па деталите како што се фризурата, обликот на носот или ушите биле направени по случаен избор за да се разликуваат, пишува Енаука.

Се чини дека оваа „последна тајна“ на античките кинески воини ја реши современата наука.

Во 2014 година, експертите изработија 3Д компјутерски модели од статуите, фокусирајќи се на нивните уши, бидејќи овој дел од човечкото тело се смета за уникатен, скоро како отпечаток од прст. После многу истражувања и споредби, засновани на овие модели, сега научниците тврдат дека секој од над 7.000 војници бил моделиран според реален лик, бидејќи не биле пронајдени две идентични ушни школки.

– Врз основа на примероците, армијата од теракота изгледа како низа портрети на вистински воини“, изјавил археологот Маркус Мартинон-Торес, кој работи со својот тим на локација недалеку од градот Ксиан, во провинцијата Шанкси во Кина.

Патем, Воините на сенките претставуваат колекција од над 7.000 скулптури на војници и коњи изработени од глина, пронајдени во гробот на првиот кинески император, Чин Ши Хуанг. Сите скулптури се со природна големина. Колекцијата се наоѓа во самата гробница и била погребана заедно со императорот кој ја обедини Кина во 221 година п.н.е.

Скулптурите биле закопани заедно со него, бидејќи се верувало дека дури и по неговата смрт, императорот треба има војска со која ќе може да командува. Скулптурите се свртени кон исток и се во борбена формација.

Секоја од ниц е уникатна. Нема две идентични. Сите се вооружени. Некои имаат лакови и стрели, а други и копја, мечеви, сабји… Оружјето сè уште било прилично остро за време на откривањето.

Во 1987 година, УНЕСКО ги прогласи за светско наследство.