Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски утре би требало да излезе од истражниот затвор Шутка каде пред речиси две недели се пријави да ја издржува затворската казна од две и пол години за случајот „АКМИС“, пишува Фокус.
Највисокиот суд, според извори на Фокус, ја укинал второстепената пресуда на Апелацискиот суд поради процесни повреди, со што останува првостепената пресуда на велешкиот суд која со укинатата пресуда на Апелација станува неправосилна.
Беше огласен за виновен за Злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година. Беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење во декември 2019 година, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.