За време на форумот Глобсек разговорав со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Им кажав дека кога се фокусираат само на Бугарија и не ги прават потребните реформи во Република Северна Македонија, не покажуваат дека се подготвени да ги интегрираат европските вредности во нивните постапки и реформи, во нивните политички одлуки… Им реков: „Едноставно правите голема грешка“.

Ова го изјави поранешниот претседател Росен Плевнелиев во интервју за англиските вести на БГНЕС, пренесува Трибуна.

Тој ги потсети македонските политичари дека не само Бугарија, туку и Романија и Хрватска, како и сите други земји од регионот направиле многу длабоки реформи – сите морале да сменат најмалку 6.000 закони и прописи.

„Сите жртвуваа многу. Моравме да постигнеме не само политичко единство, туку и единство на општествено и владино ниво низ ЕУ. Многу директно и јасно му реков на премиерот Ковачевски: „Покажи ми колку реформи направи од овие 6.000?“ Покажи ми дали постигна политички или општествен консензус? Затоа што само да седите настрана и да се жалите за „лошата Бугарија“ без да ги направите потребните реформи нема да успеете! Му реков: „Не се фокусирај на Бугарија, фокусирај се на европските вредности“.

Покажете дека можете да ги интегрирате во вашата политика! Реформирајте го вашиот Устав, изменете го, не само за доброто на Бугарите, туку и за доброто на Црногорците, за доброто на Хрватите, за доброто на европските вредности. Сè додека не се фатите за работа, туку само лобирате и не правите никакви реформи, го проектирате вашиот имиџ како „жртва“ на „страшната бугарска националистичка политика“, тоа нема да ви оди во прилог. Ова е чист национализам и популизам“, категорично рече претседателот Плевнелиев.

Тој апелираше до властите на РСМ: „Почитувани пријатели, мора да се обедините ако навистина сакате да влезете во ЕУ. Треба да постигнете консензус – и на социјално и на владино ниво. Мора да го промените вашиот Устав, заради Бугарите, Хрватите, Црногорците, но и затоа што мора да покажете дека вашите постапки се диктирани од европските вредности. И мора да се реформирате. Пред вас се храбри реформи. И ако си ја завршите домашната задача, никој нема да ве спречи“, изјави за БГНЕС претседателот Росен Плевнелиев.