За разлика на претходните Европски комисии, сегашната има вистинска политичка волја за проширување на Европската Унија, изјави денес во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, додавајќи дека е можна некаква одлука до 2030 година ако некои кандидати се технички подготвени.

„За разлика од Комисијата на (Жан-Клод) Јункер или првиот мандат на Урсула фон дер Лајен, кога не чувствував искрена политичка волја во центарот на политиката во Брисел за постигнување проширување за која било земја-кандидат, овој пат морам да признаам дека атмосферата е малку поинаква“, рече Пленковиќ на Вториот годишен самит на Хрватска.

„Можеби е време некој друг да се приклучи по Хрватска“

„Овој пат можеме да ја почувствуваме политичката волја во извршната власт на ЕУ, дури и кај повеќето земји-членки, дури и кај големите, дека можеби е време некој друг да се приклучи по Хрватска, која се приклучи на 1 јули 2013 година“, додаде Пленковиќ.

Комисијата би сакала да отвори преговарачки кластери со Украина и Молдавија до крајот на оваа година. Сепак, земјите-членки одлучуваат за ова едногласно. Досега нема таква едногласност бидејќи Унгарија остро се спротивставува на членството на Украина во Унијата, анализираат медиумите.

Хрватскиот премиер потсети дека постојат две групи земји-кандидатки: Украина и Молдавија во едната група, а земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан во другата група, и ја посочи Црна Гора како лидер. „Мислам дека би можеле, ако успеат да бидат технички подготвени, да имаме политичка одлука за некои пред 2030 година“, рече Пленковиќ.

Сепак, тој ги повтори своите тврдења дека апсорпцискиот капацитет на блокот ќе биде клучен за динамиката на проширувањето, осврнувајќи се на четвртиот Копенхашки критериум од 1993 година, кој се однесува на буџетските трошоци за проширување и влијанието на новите членки врз односите меѓу земјите што придонесуваат и оние што го користат.

„Речиси 80 проценти од европскиот буџет всушност го полнат 10-те најбогати земји на Унијата, додека околу 20 проценти одат за сите други односи. Побогатите земји, основачите, големите, силни економии, не се нужно возбудени што помалите земји, кои многу малку придонесуваат, седнуваат на маса и во суштина одлучуваат за главните политики подеднакво, особено кога станува збор за прашања каде што е потребна едногласност“, рече премиерот.

Тој потсети дека Германија, Франција и Италија еднаш се откажаа од двајца комесари во Комисијата во корист на проширувањето.

„А сега тие имаат ист број влијателни луѓе како и земјите што многу малку придонесуваат. Затоа, процесот на донесување одлуки и буџетските импликации се во срцето на процесот на проширување“, објасни тој.

Фото: ЕПА

Текстот Пленковиќ: По Хрватска, можеби е време некој друг да ѝ се приклучи на ЕУ е превземен од МАКФАКС.