Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на најновите податоци од Државниот завод за статистика во врска со информацијата за движењето на платите.

„Никогаш не можете да бидете задоволен од висината на приходите, односно на платата, и секогаш, како Влада, треба да работиме повеќе за да обезбедиме дополнителни средства или да обезбедиме таква средина за бизнисот да се развива, за да можат работниците да добијат повисока плата“, кажа премиерот.

Според него, токму со ваквите податоци од статистика, се распрснуваат тезите на опозициската партија СДСМ дека платата не растела и дополни дека вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година.

„Но, она коешто е важно е дека сите оние тези на СДСМ, дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, дека сме ги задолжиле неродените генерации со седум милијарди итн, полека но сигурно, како меур од сапуница, се распрснуваат. Имено, вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година, којшто, впрочем, беше и прв месец од оваа Влада. Така што тезата на СДСМ дека платите не само што не растеле, туку и се намалувале, не држи вода“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека на крајот од вториот квартал заклучно со месец јули 2025 година, за прв пат после многу време и државниот и јавниот долг се намалени, едниот за 4%, другиот за 2,7%.

„Исто така, СДСМ има уште една теза, повторно лажна, а тоа е дека сме ги задолжиле неродените генерации. Министерството за финансии излезе со јасен дијаграмски приказ колкав е процентот на државниот и јавниот долг од бруто-домашниот производ, и многу лесно можете да забележите дека на крајот од вториот квартал, заклучно со месец јуни 2025, за првпат после многу долго време, и државниот и јавниот долг се намалени едниот за 4%, другиот за 2,7%.

Мицкоски им препорача на опозицијата, да бидат конструктивни, да научат од грешките во минатото и да не ги повторуваат.

Текстот Платите во јули пораснале за над 10,5% споредбено со јули 2024, а државниот и јавниот долг се намалени за првпат по долго време, кажа Мицкоски е превземен од МАКФАКС.