Оглас за вработување на работници до 22 јануари во 2028 година, односно до завршување на проектот, објави Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во врска со изградба на четирите автопати на коридорите 8 и 10Д што се доверени на американско-турскиот конзорциум „Бехтел&Енка, објави Телма.
Работното време, како што се наведува во огласот, е 40 часа неделно.
Огласот е отворен до 25 април, а директорот на ЈПДП ќе формира комисија за селекција на кандидатите. „Филтерот“ може да трае од 45 до 120 дена, што ќе зависи од бројот на апликанти.
Најплатена позиција, а со тоа и најатрактивна, е за едно лице – помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер. Основната плата што се нуди е 70.052 денари, со осумчасовно дневно работно време во прва смена.
Преку огласот се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Критериумите за таа позиција е диплома од некој од факултетите за општествени науки. Месечната нето плата е 60.005 денари за, исто така, 40-часовна работна недела. Се бара и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за плата од 65.029 денари.
За реализација на проектот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. Кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време (40 часа), а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари.
Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.
На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.
Проектот беше официјализиран на 4 април на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел&Енка“ се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.