Експресниот пат делница Фариш – Дреново, кој од денес е пуштен за сообраќај, е втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид, изјави  вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Изјави дека патот ќе го користат граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат одморот.

„Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно“, рече Николоски.

Министерот појасни дека отворањето било поместено за неколку месеци, за да се добие максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстранат сите пречки кои што стоеле на реализацијата на овој пат.

„Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација“, рече Николоски.

Истакна дека со новиот пат од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко.

Свое обраќање имаа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

Претходно беше пуштен за сообраќај експресниот пат делот од Градско до Дреново.