Фатмир Бесими

Европската перспектива на нашата земја е јасна и извесна. Планот за раст на Западен Балкан е препознаен од страна на фунционерите, политичарите и аналитичарите, кај нас, во регионот, и во Европа, како брза лента на патот за евроинтеграција на земјите од регионот. Овој план е значаен политички и финансиски влог на Европската унија во регионот. Една многу важна порака од ЕУ кон РС Македонија е дека ние сме стартната точка од каде започнуваат активностите за реализација на планот. Вчера во Владата беше оддржан првиот Регионален министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на презентација на планот на ЕУ за раст на регионот. Заедно со вицепремиерот за европски прашања бевме домаќини на генералниот директор на Директоратот за соседска политика и проширување, Јан Копман, како и на министрите од Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија и главните преговарачи за евроинтегративниот процес во регионот. Ова е исклучително охрабрувачка порака во поглед на нашата европска перспектива.

Започнуваме нов циклус за забрзана социо-економска конверегенција на земјите од регионот кон Европската унија. Исклучително сум задоволен што со колегите од регионот го делиме истиот порив за побрзо ефектуирање на планот, преку подготовка на реформските агенди и ставање во функција на планот од почетокот на следната година. Ни претстои многу работа, но напорната работа секогаш се наградува. Се потсетив на оној познат цитат на Едисон „некој не ги препознава шансите, бидејќи се облечени во работно одело и личат на работа“. Затоа потенцирам, овој план е шанса – многу работа, висок влог и очекувања и на крајот соодветна награда. Како што спомна г-динот Копман на вчерашниот состанок, по спроведување на Планот за раст на Западен Балкан, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години. Ова е одлична, всушност една од најреалните можности за да се забрза растот во регионот и конверегенцијата кон ЕУ за релативно брз период.

Јавноста досега беше информирана за Планот за раст на Западен Балкан. Првпат беше спомнат пред пет месеци од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Можноста да се ползуваат придобивките од ЕУ, уште пред да станеме членка на ЕУ, веднаш ги заинтригира политичките и економските аналитичари. Зборуваме за регионална економија со нешто малку над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, која претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра, односно БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6%.

Што нуди Планот за раст на Западен Балкан?

На 8 ноември Европската комисија го усвои новиот План за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот ќе им биде дадена можност да користат дел од придобивките на ЕУ, уште пред да станат членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социо-економската конвергенција. Исто така, донесена е и Регулативата за воспоставување на Финансискиот инструмент за

реформи и раст на Западен Балкан, преку кој ќе се ефектуира финансиската поддршка во износ од 6 милијарди евра, која е дел од овој план. Целта е да се поддржат земјите кои се кадидати за членство или аспиранти за кандидатски статус да ги забрзаат реформите и да се зголеми нивниот економски потенцијал за да напредуваат побрзо во евроинтегративниот процес.

Планот се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтегратиовниот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување на странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.

Отворање на Единствениот европски пазар за Земјите од Западен Балкан

Интеграцијата во Единствениот европски пазар беше движечката сила за забрзување на економскиот раст кај сите нови земји членки. Да бидам сликовит, ако ЕУ беше возило, единствениот европски пазар ќе беше моторот. Приближувањето на земјите од регионот кон единствениот пазар на ЕУ би значела придобивка за сите граѓани од регионот. Всушност, ова е најсуштинскиот дел од Планот за раст на Западен Балкан. Во Планот се идентификувани седум првични приоритетни области, кои може да се отворат за земјите од Западен Балкан: 1) слободно движење на стоки, 2) слободно движење на услуги и работници, 3) пристап до Единствената европска платежна област, 4) интегрирање на патниот транспорт, 5) интегрирање на енергетските пазари, 6) дигитален единствен пазар и 7) интеграција во индустриските синџири на снабдување. Принципот на отклучување на овие сегменти е кога земјите од ЗБ ќе постигнат одредено ниво на подготвеност да им биде отклучен одделен сегмент од ЕУ пазарот, односно тоа ќе зависи од усогласеноста со директивите и регулативата на ЕУ (европските acquis). Притоа, мора да се нагласи дека добар дел од работата ќе биде завршена преку активностите кои се преземаат во контекст на Заедничкиот регионален пазар, чие унапредување е повторно предуслов за пристап кон Единствениот европски пазар. Како што наведуваат и од страна на Европската комисија – „партнерите кои не се целосно посветени кон заедничкиот регионален пазар, нема да можат да очекуваат да ги ползуваат придобивките од Планот за раст и можностите за интеграција во Единствениот европски пазар“. Она што е исто така важно, е дека ниту една од земјите нема да може да ги блокира останатите пет за пристап до Европскиот единствен пазар.

 

Малку подетално за пристапот до Единствениот европски пазар

Бидејќи е најважната придобивка од Планот за раст на Западен Балкан, ќе се осврнам малку повеќе на тоа што значат седумте приоритетни области од првиот столб. Планот на Унијата за првиот столб ги опфаќа четирите слободи на Единствениот европски пазар, односно, слободно движење на стоки, услуги, работници и капитал, како и одредени подсегменти на пазарот.

Кај слободното движење на стоки, планот вклучува договори за отклучување на Единствениот европски пазар за стоки произведени во регионот на Западен Балкан, по усогласување со релевантното законодавство на ЕУ. Понатаму, предвидена е подобрена царинска и даночна соработка за да се намали времето на чекање на границите, што ќе придонесе кон намалување на извозните трошоци (Светска банка во една своја студија дојде до податок дека намалувањето на времето на чекање за три часа е еднакво на намалување на тарифите за 2%). Исто така, се предвидува вклучување на земјите од регионот во Конвенцијата за заеднички транзит.

Можноста за слободно движење на услуги вклучува услуги поврзани со е-трговија, како што се услугите за испорака на пакети, но и туристичките услуги. Дополнително, во однос на слободното движење на работници од ЕК го темелат својот план врз основа договорите за мобилност на Заедничкиот регионален пазар, вклучувајќи го и признавањето на професионалните квалификации на лекарите, стоматолозите, ветеринарните хирурзи, фармацевтите, медицинските сестри и акушерки, како и слободата за движење со лични карти во Западен Балкан.

Учеството во Единствената европска платежна област (СЕПА) ќе биде огромна придобивка за граѓаните и бизнисот преку зголемување на прекуграничната трговија. Преку понатамошно усогласување на националната регулатива, но и техничките карактеристики, ќе се овозможи пристапување кон СЕПА за земјите од Западен Балкан.

Олеснувањето на патниот сообраќај се однесува на поддршката на земјите од Западен Балкан за понатамошно интегрирање во регионот преку усвојување на релевантното законодавство на ЕУ и давање пристап до соодветните информациски системи на ЕУ. ЕУ би можел понатаму да го олесни транспортот со Западен Балкан преку посебен договор, кој ќе биде дополнување на договорите за стабилизација и асоцијација.

Интеграцијата на енергетските пазари е замислено преку интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија со оној на ЕУ.

Интеграцијата кон единствениот дигитален пазар на ЕУ беше еден од сегментите на Единствениот европски пазар за кој уште на почетокот беше посочено дека ќе биде отворен за земјите од регионот. Ќе се разгледа можноста за продолжување на договорот помеѓу регионот и ЕУ за намалување на трошоците за роаминг, а исто така, ќе се зајакне соработката кај сајбер безбедноста, но и интегрирање на европскиот пазар за дигитални доверливи услуги, како дигитален иденитет и сл.

Интеграцијата во индустриските синџири на снабдување, се состои во развој на стратешки партнерства кај синџирите на вредност на одржливи суровини (вклучувајќи батерии), како и во снабдувањето со одредени критични лекови.

 

Регионална интеграција за дополнителни 10% економски раст

Иако повеќе простор посветив на образложувањето на поволностите од Единствениот европски пазар, мора да се напомене дека исклучителен потенцијал за раст носи и регионалната интеграција, која е всушност вториот столб од Планот за раст на ЗБ. Според една студија која ја направи Светската банка, БДП на регионот може да се зголеми во просек за 10%, како резултат на регионалната интеграција. Исто така, Заедничкиот регионален пазар се заснова на правилата и стандардите на ЕУ, оттаму е значаен механизам за напредок во пристапните преговори. Наједноставно речено, ЕУ ќе ни обезбеди можности за интеграција кон Единствениот европски пазар, доколку прво ја завршиме задачата кај регионалната економска интеграција.

Финансиски пакет од 6 милијарди евра

Тука веќе се надоврзуваме на третиот и четвртиот столб од Планот за раст на Западен Балкан, односно реализацијата на реформите и соодветната финансиска поддршка која ќе се отклучи со реформите. Имено, ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра во периодот од следните четири години од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ. Од овие средства, 3 милијарди евра ќе бидат достапни како директни заеми за националните буџети, додека 3 милијарди евра ќе бидат наменски за поддршка на инвестициони проекти преку Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), од кои 2 милијарди евра во вид на грантови и 4 милијарда во вид на заеми. Овие средства ќе бидат насочени кон инвестиции во транспортот, енергетиката, дигитализацијата, едукацијата и развојот на вештини, додека 37% од грантовите ќе бидат насочени кон зелени проекти, односно за исполнување на климатските цели. Исплатите ќе бидат извршувани два пати годишно, согласно исполнувањето на социо-економските реформи од страна на земјите.

Реформска агенда

Реализацијата на третиот и четвртиот столб кај нас ќе ги следи Министерството за финансии, кое ќе биде координатор на Реформската агенда. Реформската агенда ќе се однесува на структурните реформи од најновата Програма за економски реформи (ЕРП) и поврзаните Заеднички заклучоци договорени на Економско – финансискиот дијалог, како и ревидираната методологија за проширување и најновиот пакет за проширување и Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Таа ќе идентификува приоритетни реформи, кои ќе служат како услови за ослободување на финансиски средства од ЕУ, според однапред утврдена временска динамика.

По усвојување на Реформската агенда од страна на ЕК, на секои 6 месеци, Министерството за финансии ќе поднесува барање до ЕУ за повлекување средства, додека ЕУ ќе следи дали се исполнети условите за траншата согласно што целосно или делумно ќе ослободува средства, според степенот на исполнување на условите.

Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.

Ветер во грб за економиите во регионот

Поддршката од ЕУ преку овој План за раст е значаен ветер во грб за економиите на Западен Балкан, економии во развој, кои не така одамна го минаа транзицискиот период, а потоа и голем број на кризи од глобален карактер и геополитички кризи, кои дополнително го оптоварија процесот на конверегенција.

Сепак, овие економии се покажаа како жилави. Последните кризи, од пандемијата наваму, земјите од Западен Балкан успеаја успешно да ги пребродат и да се задржат на патеката на раст и приближување кон поразвиените економии (иако поспоро од посакуваното). На пример, во 2023 година пазарот на труд во регионот продолжи да зајакнува со нови 103000 работни места од средината на 2022 и 2023 година. Но, структурните пречки потојат и тие треба да се адресираат, вклучително и на пазарот на труд (значаен родов јаз и се поголем недостаток на работна сила). Тука се и климатските промени и нивното влијание врз повеќе економски гранки, фискалната одржливост, дигитализацијата и унапредувањето на државниот апарат, како дел од структурните предизвици кои треба што поскоро соодветно да се одговорат.

На крајот, би сакал да истакнам дека сега имаме историска шанса и од аспект на напредување во евроинтеграцискиот процес и од аспект на обезбедување на социо-економски услови согласно ЕУ примерот и во нашата земја. Треба да работиме напорно и да имаме општа свест за да ја искористиме оваа шанса. Секој функционер, државен службеник, политичар, општествен чинител, граѓанин треба да ја препознае својата улога и одговорност во создавањето на подобро утре во оваа држава. Тоа значи носење на ЕУ дома, односно општество и економија кои ќе функционираат според европски вредности и правила и тоа значи станување дел од ЕУ што е можно побргу. Европа дома – Побрзо!