Апелот на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски до новата скопска градоначалничка Данела Арсовска, Град Скопје да даде согласност за Детален урбанистички план, бидејќи во спротивно Општина Карпош се соочува со опасност да плати оштета од 15 милиони евра, се однесува на судски спор покренат од страна на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, дознава Фокус.

Според информации од Општина Карпош, оваа компанија во сопственост на Асмир Јахоски, син на пратеникот од редовите на ДУИ Ислаил Јахоски, на јавна лицитација одржана во 2016 година купила плац покрај булевар „Осми Септември“, во близина на хотелот Александар Палас и спортскиот комплекс Борис Трајковски.

Притоа, во моментот кога компанијата го купила земјиштето за околу 2 и пол милиони евра на наддавање со уште 5 компании, на сила бил Детален урбанистички план кој на таа локација предвидувал изградба на помала бензинска станица, со две пумпи за точење на горива.

Впрочем, продажбата на земјиштето се врши за време на претходниот мандат на Јакимовски, но по промената на локалната власт, кога нов градоначалник на локалните избори во 2017 година стана Сфетан Богоев, Уставниот суд го укина овој ДУП, бидејќи, според Судот, бил донесен во незаконска постапка.

На тој начин, компанијата го загуби законското право (секој урбанистички план има сила на закон) да гради бензинска станица на купениот имот, по што поднела тужба со која првичните 2 и пол милиони евра за купување на земјиштето пораснале до 15 милиони евра, сосе камати и побарување по основ на неостварена добивка.