Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија наскоро ќе можат да се вработат во овие земји со идентификациски броеви на Отворен Балкан без дополнителни административни бариери. Издавањето на првите идентификациски картички, кои ќе овозможат слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан се очекува за време на Самитот Отворен Балкан што ќе се одржи на 7 и 8 јуни во Охрид, изјави Ненад Ѓурѓевиќ, советник во Стопанската комора на Србија (ПКС), на панелот „Ветрови на балканските промени – како го менуваме нашиот регион“ во рамки на форумот Отворен Балкан што го одржува организацијата „Лимбек“, јави дописиникот на МИА од Белград.
Ѓурѓевиќ, како што соопшти ПКС, рече дека тие заедно со стопанските комори на Северна Македонија и Албанија, бизнис заедницата, активно учествуваат и ги поддржуваат владите во спроведувањето на иницијативата Отворен Балкан и дека натамошната имплементација на потпишаните договори е приоритет.
Наведувајќи го како главен предизвик постигнувањето на целите во дадените временски рамки, Ѓурѓевиќ посочи дека за побрзо спроведување и усогласување на администрациите потребно е да се формираат имплементаторски и надзорни тела на ниво на иницијативата Отворен Балкан кои би ја следеле имплементацијата и реализацијата на целиот процес.
-Отворениот Балкан е отворен за сите економии во регионот. Само заедно можеме да одговориме на деловните предизвици и да привлечеме странски инвеститори во регионот. Ако ги погледнете економиите на Западен Балкан, тие имаат заедно околу 18 милиони жители и бруто домашен производ од 111 милијарди евра. Затоа е важно на оперативно ниво заедно со бизнис заедницата и претставниците на министерствата и стручните служби да најдеме решенија, соодветни протоколи и да ја усогласиме работата на стручните служби со цел усогласување и издавање на потребните сертификати за производи кои ќе бидат признаени во сите три земји. Ова во голема мера ќе го олесни работењето на компаниите во регионот, рече Ѓурѓевиќ.
Тој додаде дека конкретните резултати од оваа иницијатива можат да придонесат и за напредок во Берлинскиот процес, кој во моментов е во стагнација.
-Најважната цел на иницијативата Отворен Балкан е да придонесе за подобар живот на граѓаните на регионот преку овозможување слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе и важно е да се промовира оваа иницијатива колку што е можно повеќе, бидејќи соработката на економско ниво може да создаде силни предуслови за политички напредок и соработка, оцени Ѓурѓевиќ.