Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.
Текстот Пијано рецитал „Скопје во петолиние 2028“ е превземен од МАКФАКС.





















