Законите од петтиот пакет антикризни мерки денеска се на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија. На веб страната на Собранието на Република Северна Македонија закажани се две седници на Комисијата за финансирање и буџет, а на дневен ред се предлог-законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност и за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза заради исплата на платите за февруари и март, како и измената на Законот за данок на личен доход, сите во второ читање.
Ова доаѓа откако Алијанса за Албанците/Алтернатива ги повлекоа амандманите, а откако претходно постигнаа договор за поддршка на нивниот предлог закон за државјанство.