ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да продолжат во спроведување на законот и овозможување на правдата, во врска со денешната полициска акција, насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетски капацитети кои се под нејзина капа, меѓу кои и поранешниот генерален директор на ЕСМ Васко Ковачевски.
Пратеникот, Бране Петрушевски, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ со години гласно зборуваше за криминалот во ЕСМ и РЕК.
„Двата енергетски комбинати и ЕСМ и РЕК Битола беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување на милиони преку тендери додека народот плаќаше скапа струја. ВМРО-ДПМНЕ ја предупредуваше власта на СДС и ДУИ да не ја крадат државата, и дека одговорност за криминалот ќе има. Сите наши апели не вродија со плод, СДС и ДУИ ја ограбија државата, но затоа сега одговорност ќе има и секој ќе одговара за тоа што правел“, рече Петрушевски.
Како што додаде, за да има милиони за тендери на Ковачевски, Заев и Филипче, цената на производство на струја ја качија од 33 евра за мегават час, на над 100 евра. Сето тоа го направија преку осакатување на системот, недоволна експлоатација на сопствен јаглен, скап увозен и неквалитетен јаглен, кој пак влијаеше на дефекти на постројките.
Најмалку десетина луѓе се уапсени во акцијата поврзани со РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и на ТЕЦ Неготино. Од МВР велат дека во тек е полициска акција и дека по завршувањето ќе бидат соопштени детали. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организиран криминал.