Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека насилството во Советот на Општина Кочани што се случи пред два дена е сценарио за дестабилизација кое што актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и неговиот претходник, Зоран Заев, го смислиле во Дубаи. Пратеникот Бране Петрушевски рече дека доказ во таа насока е и тоа што Филипче досега не побарал оставка од Акиов.
„Тоа што Филипче не побара оставка од Акиов е доказ дека тепањето во Кочани е негово сценарио. Тепачот на Филипче имаше една единствена цел, да ја разгори омразата во Кочани, која СДС преку партиски прес-конференции и соопштенија со денови ја зовриваат. СДС целно оди кон дестабилизација во Кочани. СДС ја злоупотребува трагедијата и траорот на луѓето, за ситни политички поени. Втората фаза на планот на СДС е да продолжи тензијата во Кочани и да продолжи насилството“, рече Петрушевски.
Акиов и советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов, пред два дена во Советот влегоа во вербална конфронтација по што Акиов замавна со пластично шише полно со вода, кое заврши во главата на вработена во Општината. Акиов потоа преку социјалните мрежи, по насилниот инцидент, порача дека Алексов го испровоцирал целиот настан, и и’ се извини на вработената во општината за ненамерно нанесената повреда.