Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски вели дека последните пожари што ја зафатија околината на Скопје, според досегашните информации, не биле резултат на несреќа или случајност, туку дел од намерна и координирана акција.

Тој рече дека Министерството за внатрешни работи пронашло јасни докази за подметнување, дрва натопени во бензин, ракавици и автомобилски гуми на неколку локации каде што избувнале пожари.

„Институциите веќе презедоа конкретни чекори – неколку лица се приведени, а според неофицијални информации, дел од нив се поврзани со опозициски партии, па дури и со функционери на опозицијата“, вели пратеникот.

Според него во јавноста веќе се отвори прашањето, дали целта на овие пожари била создавање хаос во главниот град?

„Она што се случуваше околу Скопје со пожарите не беше случајно. Станува збор за организирана акција од луѓе кои не му мислат добро ниту на Скопје, ниту на Македонија. Благодарение на брзата реакција на институциите, новата механизација и високо мотивираниот кадар, хаосот беше спречен“, изјави Петрушевски.

Тој посочи и на сомнежот за координирана политичка кампања.

„Веднаш по избивањето на пожарите, сведочевме на брзи реакции и соопштенија од страна на СДСМ и нивни блиски медиумски чинители. Се поставува прашањето, дали опозицијата се обиде да ги искористи пожарите за создавање политички наратив?“, праша Петрушевски.

Во моментов, истрагата е во тек, а јавноста очекува официјални детали од страна на МВР и обвинителството. Доколку се потврдат политичките поврзаности, ќе се отвори сериозно прашање за кривична и морална одговорност на вклучените.

Текстот Петрушевски: Приведени осомничени за подметнување пожари, дел поврзани со опозицијата е превземен од МАКФАКС.