На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет, се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој упати критики кон говорот на Фатмир Битиќи, истакнувајќи дека неговото излагање е националистички настроено, потенцирајќи дека за разлика од него, тој е единствениот пратеник кој поднесувал амандмани за изградба на средно училиште во Куманово на албански наставен јазик и се залага за зачувување на меѓуетничкиот соживот во Куманово.
„Досега никој не успеал ни во 2001 да го наруши меѓуетничкиот соживот во Куманаво, за тој натпревар за кој вие ме посочивте уште веднаш излегов со осуда која вие овде не ја спомнавте на национални медиуми. Јас сум единствениот пратеник кој поднесуваше амандмани за изградба на средно училиште „Сами Фрашери“ во Куманово, на албански наставен јазик. Јас преку своето влијание во општината и преку кадрите кои беа на раководни и се на раководни позиции од ВМРО-ДПМНЕ направивме проект, обезбедивме средства и денес училиштето се гради. После 1983-година гимназијата „Сами Фрашери“ ќе биде првото училиште кое ќе биде изградено во Куманово. Е така колега Фатмир Битиќи се гради соживот во Куманово, не со националистички говори, не со шовинистички говори, туку со дела видливи за сите граѓани“, рече Петрушевски.
Истакна дека пратеникот Битиќи го казнува спортот и прави злоупотреба за да добие политички поени, и посочи дека токму спортот ги воспитува младите во духот на заедништвото.
„Спомнавте ваучер систем кој вие сте го вовеле, за тој има кривична постапка, треба да одговараат поранешни директори на Агенција за млади и спорт и поранешни пратеници од вашата пратеничка група. Испомешавте спорт и нешто што се случувало на трибините, не се казнува спорт заради однесување на поединци, тоа не е европско однесување, тоа е злоупотреба за ситни политички поени кои не ви поминуваат кај граѓаните. Во Република Македонија има јасен механизам за санкции и за тој настан кој го спомнавте и го осудив, има санкции, постапки и институциите си ја вршат работата на највисоко ниво за разлика од претходно. Токму спортот ги воспитува младите во духот на заедништвото“, вели Петрушевски.
Текстот Петрушевски до Битиќи: Меѓуетничкиот соживот се гради со дела, а не со националистички и шовинистички говори е превземен од МАКФАКС.























