Од она што успеавме да го видиме изминатиот период особено од страна на опозицијата, ќе се обидам со овие пратенички прашања да делуваме просветителски заради тоа што имаме чувство дека талкаат, но и се претворија во центар на дезинформации и манипулации, вели пратеничката од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска, на денешната собраниска седница наменета за поставување пратенички прашања.

Според неа, опозицијата сакала да го признае тоа или не бидејќи очигледно нема храброст, факт е дека во изминатиот период премиерот Христијан Мицкоски имаше интензивна дипломатска агенда на највисоко политичко ниво.

„Во изминатиот месец, впрочем само и пред неколку дена пристигнавте од САД и вие присуствувавте на би рекла, највлијателните настани токму во овој месец. Присуствувавте на Минхенската безбедносна конференција, којашто ако треба да го објасниме на оние коишто немаат доблест да го поздрават вашето обраќање таму, е дека е на рангот од прилика како Самит на НАТО или пак како Генерално собрание на Обединетите нации, ги собира највлијателните политички лидери во Германија и се говори за безбедносната и одбранбена политика“, презира Петрушевска.

Петрушевска појаснува дека премиерот, понатаму продолжи со уште поинтензивна агенда преку која гласот на народот поточно приказната за Македонија беше слушната токму во САД каде тој се обрати на највлијателната Конференција за политичко дејствување во САД на конзервативците. Притоа истата ги собира политичките лидери и чинители не само од САД, туку и светските и европските лидери.

„Во една таква политичка елита и креатори, вие имавте обраќање подеднакво на истата сцена заедно со претседателот, а тоа е господинот Доналд Трамп. Во таа насока чинам дека е исклучително важно, како што почнав просветителски да делуваме за оние коишто до денес не собраа храброст да ја поздрават оваа агенда каде што говоревте во името на државата, говоревте во името на народот. Замислите токму оние коишто во изминатите седум години гостувањата или работните посети во САД или во Европа ги разбираа од рангот на „work and travel“ или пак надворешната политика ја разбираа како „all in“ не оставија обезличени и поразени, со прилично големи штети по државата, но и надворешната безбедносна политика“, заклучува Петрушевска.