Министерката за одбрана Славјанка Петровска попладнево во Лондон имала средба со британскиот специјален претставник за Западен Балкан, сер Стјуард Пич со кого разговарала за моменталната безбедносна состојба во Европа.
– Северна Македонија, по три децении стана полноправна членка на Алијансата и тоа во клучен момент за европската безбедност. Фактот дека нашата земја речиси две години е сојузник во НАТО е една од најважните алатки за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот. Балканот, а особено Западниот Балкан е стабилен и мирен и тоа останува наша заложба, истакнала Петровска.
Во однос на инвазијата на Руската Федерација врз Украина, Петровска порачала дека воените дејствија мора итно да запрат и дека Украина ја има целосната поддршка од нашата земја.
– Сер Стјуард Пич, кој неодамна престојуваше во својата прва официјална посета на Северна Македонија по преземањето на функцијата специјален претставник за Западен Балкан, го поздрави единството на земјите кои застанаа во поддршка на мирот, против војната. Во контекст на актуелниот безбедносен момент во Европа, тој потенцираше дека не треба да се дозволи Западниот Балкан да има отворени прашања од безбедносен аспект и да биде подложен на надворешни влијанија, информира Министерството за одбрана.
Посетата на министерката Петровска на Лондон продолжува со работна вечера со Мартин Викерс, член на Парламентот и претседавач на сепартиската парламентарна група за Северна Македонија во британскиот Парламент и со средба со Алисиа Херберт, специјална пратеничка на министерката за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост во британската Влада, Лиз Трас. Во текот на утрешниот ден, министерката Петровска ќе биде официјално пречекана од министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Валас.