Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретнала со заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Евген Перебинис, кој престојува во посета на нашата земја.

На состанокот, соопштија денеска од МО, министерката Петровска ја изразила нашата силна и недвосмислена поддршка за независноста и сувереноста на Украина која, ако што стои, е брутално нападната. Украина, порачала министерката, се бори не само за себе и својата сувереност, туку и за меѓународниот правен поредок кој мора да се базира на правила и принципи.

– Ја осудивме руската агресија врз Украина уште од самиот почеток, а нашата поддршка не е само политичка, туку може да се види и на дело. Во повеќе наврати Северна Македонија донираше хуманитарна и воена помош за Украина која има целосно право да се одбрани од неиспоровоцираната руска агресија, рекла министерката.

Петровска истакнала дека при посетата на Украина во февруари годинава и лично се уверила во страдањата на украинскиот народ, но и во неговата цврстина и желба да ја одбранат татковината.

– При мојата посета на Украина лично се уверив во уништувањата во Ирпин и во Буча. На лицата на Украинците видов како им влијае бескрупулозноста на војната, но уште поважно е дека кај нив видов жар и мотив да се изборат за својот суверенитет, нагласила министерката за одбрана.

Петровска потенцирала дека Северна Македонија заедно со сојузниците останува во поддршка на Украина сè додека е потребно зашто тоа е страната на правдата и вистината.

Заменикот – министер Перебинис се заблагодарил за, како што рекол, јасната поддршка од Северна Македонија за Украина, како и за дадената воената и хуманитарна помош. Украина, посочил тој, ќе продолжи да се бори за својата независност и сувереност.