Министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегација од Министерството денеска беа пречекани во Обединетото Кралство со церемонија со највисоки воени почести.
-Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата, рече Петровска по средбата со нејзиниот британски колега, министерот за одбрана Бен Валас.
Од прес-службата на министерката информираат дека таа порачала оти ова е прва официјална посета на Обединетото Кралство и се реализира во едно тешко време за континентот – воена инвазија врз суверена и самостојна држава, проследена со страдање и човечки жртви.
Британскиот министер Валас го потврдил ставот дека НАТО е единствено во цврстата заложба кон колективната безбедност во НАТО. Валас порачал дека членството на Северна Македонија во НАТО е особено важно за зачувување на безбедноста во регионот и се заложи за зајакнување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји.
-Заедно со Обединетото Кралство и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме капацитетите и да ги зајакнуваме способностите на македонското министерство за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, порача министерката Петровска.
Во соопштението се додава дека Обединетото Кралство го поддржува развојот на армиските капацитети на повеќе полиња – во Министерството работи британски советник за трансформација на Армијата, тим од Обединетото Кралство дава поддршка за развој на армискиот полигон „Криволак“, а македонски офицери имаат шанса да се школуваат на највисоките воени школи во Велика Британија.
Припадниците на двете армии изведуваат заеднички вежби и обуки и годинава британски војници ќе бидат дел од досега најголемата воена вежба на армискиот полигон „Криволак“, вежбата „Брз одговор 22“ планирана за напролет.