Министерката за одбрана Славјанка Петровска изминатите два дена во Брисел за првпат учествуваше на министерски состанок за одбрана на НАТО, што беше во најголем дел посветен на тензиите со Русија и безбедносните ризици за Европа.
Во интервју за МИА, министерката повтори дека заедничката порака во НАТО е порака на деескалација и дека од Москва се очекуваат конкретни сигнали во таа насока. И покрај безбедносните тензии на континентот, Петровска уверува дека нема простор за страв и дека Северна Македонија е безбедна.
– Она што е многу важно во вакви ситуации кога интересот се разбира е многу оправдан за случувањата во и околу Украина, многу е битно политичките пораки кога ќе бидат испратени да бидат пораки на смирување пред сѐ, но исто така и пораки кои ќе упатуваат на деескалација на состојбите. Тоа е клучната и прва порака околу која практично сите се обединивме и се согласивме дека тоа е многу потребно. Се разбира дека НАТО како политичко-воен сојуз, освен пораките на одвраќање и одбрана на сопствената територија, мора да ги испрати овие пораки за да се даде шанса, односно се оди кон дипломатско решавање на кризата. И во таа насока генерално се одвиваа и дискусиите на состанокот и се разбира и финалната порака ја пративме во таа насока.
На прашањето дали Северна Македонија на било каков начин може да биде загрозена безбедносно доколку се влоши ситуацијата на европскиот континент и на истокот на Европа, Петровска одговара:
– Безбедносната состојба во Република Северна Македонија е стабилна и тоа е нешто што го потврдуваат институциите што се задолжени за внатрешната безбедност. Се разбира дека сите надворешни влијанија, без оглед дали станува збор за руско-украинската или други влијанија генерално во светот, службите во рамките на своите надлежности ги следат. Впрочем раното предупредување е дел од нивните задачи во координација со сите служби и сите институции кои се задолжени за безбедноста на државата се носат соодветни одлуки. Во овој момент она што е став е дека нема потреба од загриженост и дека состојбата е стабилна и безбедна.