Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска и утре во Кремс, Австрија, ќе учествува на состанок на министри за одбрана на земјите од форматот Грац – Австрија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, како и на состанокот на земјите членки на Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западниот Балкан, чија цел е засилување на соработката во областа на одбраната.

Како што информира Министерството за одбрана, Петровска денеска ќе има средба со  министерката за одбрана на Австрија, Калудија Танер, на која се очекува да разговараат за безбедносните предизвици на континентот и за начините за развој на одбранбената соработка помеѓу двете земји.

-Соработката во форматот Грац е иницирана од Австрија во 2018 година, како начин за засилување на безбедносната соработка со земјите од Западниот Балкан, за што беше потпишана и Заедничка декларација. Целта на овој формат е да овозможи поинтензивен дијалог и соработка во справувањето со современите предизвици, како миграцијата, хибридните закани, потоа учеството во операциите на Европската Унија, градењето капацитети и приближувањето на регионот кон Европската Унија, соопшти Министерството за одбрана.

Централноевропската одбранбена соработка е формирана во 2010 година, а нејзини членки се седум држави: Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Полска како земја набљудувач.

-Северна Македонија активно соработува со оваа иницијатива од 2016 година, а главната цел е зајакнување на регионалната безбедност и споделување на одбранбените способности, се наведува во соопштението.