Инцидентот и тоа што се случува таму нема директно влијание и од информациите со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и тоа што изминатиов период вложуваме многу во одбраната. Меѓутоа, се разбира, секоја од институциите во Република Северна Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со вчерашниот оружен напад на северот од Косово и како тоа ќе се одрази во нашата држава.
Во одговор на новинарски прашања на прес-конференцијата со министерот за одбрана на Норвешка Бјорн Арилд Грам, Петровска рече дека ситуацијата во Косово се следи одблиску, со оглед дека земјава со свои трупи учествува во мисијата на КФОР во Косово, и дека не е едноставно за кој било, како што рече, кога „во регионот има инцидент, особено кога е нападната полиција на одредена држава“
– Како министерка за одбрана, апсолутно го осудувам нападот врз косовската полиција, изразувам жалење кон семејството и се надевам на побрзо закрепнување на повредените. Ова е само уште еден доказ дека и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна. Одговорноста на секој од нас кои имаме политички позиции во дадени моменти во државите е да носиме одлуки со кои ќе носиме мир и просперитет на граѓаните, а нема да создаваме конфликти и поделби. Приоритет за нас е ситуацијата во Косово и во регионот да биде стабилна со цел да продолжат процесите, особено интеграциските процеси, на сите држави од регионот кои, декларативно ќе ги чуете и видите во изјавите на сите политичари. Време е за носење мудри одлуки и време е за одлуки од кои граѓаните во државите ќе видат бенефит и она што сите ние го ветуваме во даден момент, рече Петровска.
Она што не сакаме да се случи, додаде министерката, се дополнителни конфликти или во Косово или во регионот кои, практично, како што рече, ќе направат дестабилизација на регионот.
Не е грижата само дали Република Северна Македонија е безбедна, да, ние сме безбедни, меѓутоа преку сите тие учества во бројни мисии, особено во мисиите во регионот, и во Косово и во Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија сака да биде и контрибутор и да придонесе кон регионалната безбедност и стабилност, додаде Петровска.
Министер за одбрана на Норвешка Бјорн Арилд Грам изрази загриженост и го осуди нападот врз косовската полиција во Косово нагласувајќи дека „вакви напади се неприфатливи“.
Како и Петровска, и тој порача дека „двете страни треба да ја исполнат својата улога, повторно да го вратат дијалогот“.
– Сите сме загрижени за безбедносната ситуација во северно Косово. Норвешка го осудува нападот врз косовски полицајци вчера и би сакал да го изразам моето сочувство до семејствата на оние што загинаа. Овој трагичен инцидент ја илустрира важноста за намалување на тензиите во северно Косово и политичкиот дијалог мора да се врати повторно за да се спречи понатамошна ескалација, рече норвешкиот министер за одбрана.
На прашањето дали ситуацијата во Косово може да се споредува со таа во Украина, одговори дека не знае дали е продуктивно да се споредуваат различни конфликти.
-Секоја ситуација има своја динамика и секоја ситуација е сама за себе и со неа треба да се справуваме на соодветен начин, рече Грам.