Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Кремс, Австрија, учествуваше на министерскиот состанок на Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западниот Балкан, на кој стана збор за европската перспектива на земјите од регионот.
-Овие времиња на предизвици претставуваат и една уникатна можност за сите нас да ја засилиме безбедносната соработка и да го интензивираме меѓусебниот дијалог. Ова се времиња во кои мораме да бидеме посветени на брза и ефикасна евроинтеграција на целиот Западен Балкан, рече министерката Петровска.
Регионот, потенцира таа, припаѓа на Европа и на Европската Унија, а нашите земји, особено Северна Македонија, покажаа дека се посветени на европските принципи и вредности. Пристапниот процес мора да биде кредибилен, зашто, како што нагласи, европската интеграција е најсилната мотивација за развој и е најдобрата идеја која го поврзува регионот.
–Северна Македонија докажа дека активно придонесува кон развојот на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, особено имајќи ја предвид нашата култура на дијалог и нашата способност за изнаоѓање решенија и за тешки билатерални прашања. Одлуките што ги донесовме беа тешки, но тие дадоа надеж за целиот регион и поставија пример за тоа како можат да се најдат решенија и за најсензитивните прашања на Балканот, рече Петровска.
Во контекст на Централноевропската одбранбена соработка, министерката за одбрана порача дека земјите – членки се исклучително значајни во поддршката на пристапниот процес, особено во градењето на капацитети за борба против корупцијата и организираниот криминал, работењето согласно принципите за добро владеење и функционирањето на правната држава.
–Западниот Балкан нема време за уште еден изгубен моментум во процесот на евроинтеграција. Унијата мора да биде прагматична, да овозможи полесен пристап до инвестиционите проекти, а особено во градењето на демократски институции и општества. Северна Македонија е цврсто посветена на веќе започнатиот скрининг-процес зашто за нас интеграцијата во Унијата е најсилниот импулс за демократија, просперитет и безбедност за сите наши граѓани, нагласи министерката за одбрана.
Централноевропската одбранбена соработка е формирана во 2010 година, а нејзини членки се седум држави: Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Полска како земја – набљудувач. Северна Македонија активно соработува со оваа иницијатива од 2016 година, а главната цел е зајакнување на регионалната безбедност и споделување на одбранбените способности.