Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Министерството за одбрана остварија средба со заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал мајор Петер Ендрусјак.
Петровска на средбата изразила благодарност за присуството на генералот на досега најголемата вежба „Swift Response 22“ одржана во Република Северна Македонија и задоволство од денешниот приказ и реализација на Армискиот полигон „Криволак“.
Таа најавила дека ќе се продолжи со сериозни инвестиции на овој полигон кој ќе нуди можност за изведување и реализација на различни видови вежбовни активности и на кој може истовремено да се зајакнува интероперативноста помеѓу армиите.
– Продолжуваме со инвестиции во Криволак, во модернизација на опремата, но најважно инвестираме во човечките капацитети во нивна висока мотивација. Овие нешта се високо на агендата на Министерството за одбрана и на Генералштабот, потенцирала министерката Петровска, соопштија од МО.
Петровска ја истакнала улогата на САД како наш стратешки партнер, сојузник и пријател, преку разни иницијативи во одбраната, но и на севкупната политичка поддршка во поглед на членството во НАТО и ЕУ.
Кон крајот на овој месец, информирала, нашите две земји ќе го започнат Стратегискиот дијалог кој опфаќа широк спектар на теми и кој уште повеќе ќе го подигне нивото на соработка.
Генералот Ендрусјак упатил благодарност за поканата и за тоа што денеска беше дел од оваа активност, како и честитки за начинот на кој беше планирана и изведена вежбата. Тој додал дека сето она што се планира за одбраната во поглед на модернизацијата и инвестициите во капацитетите е од особена важност за војниците.
Во однос на АП „Криволак“ потенцирал дека има огромен потенцијал.
Генералот Ѓурчиновски на средбата порачал дека во последнава година и половина многу е направено во поглед на планирањето и реализацијата на вежбата. Ѓурчиновски истакнал дека Министерството и Генералштабот активно работат на приоритетите зацртани согласно плановите за да имаме модерна опрема и војници подготвени и способни да извршуваат НАТО предводени мисии.