Досега од нашата Армија не е побарано учество во никаков воен конфликт. Армијата, односно Министерството за одбрана и безбедносните сили ќе ги следат одлуките на НАТО, при што потсетувам дека како земја членка на Алијансата рамноправно учествуваме во донесување на одлуките, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со можноста наши војници да бидат вклучени во евентуален украинско-руски конфликт.
– Она што е значајно како став наш, на државата, но и на НАТО, е дека сакаме преку дипломатски начини и со мирно преговарање или разговарање да се реши овој конфликт меѓу Украина и Русија, затоа што долго време сме сведоци на војни кои можеби биле дел од минатото, но последиците се трпат долго време, рече Петровска во гостувањето во дневникот на ТВ Сител.
Таа додаде дека проценките во врска со идните активности се тајни и се во структурата на НАТО, односно се во степен на класифицираност. НАТО, како што рече, има цел да ги штити териториите на државите во Алијансата и додаде дека нашата држава ја поддржува позицијата на НАТО и врз основа на тоа ги насочува воените активности.
Според министерката, досега од нашата Армија не е побарано да учествува во воени конфликти.
– Ги следиме насоките на НАТО. Веќе учествуваме во механизмите и нема да бидеме изненадени од одлуката. Сепак примерот со македонските војници е јасен – не можеме да навлеземе на територија на држава која не припаѓа на НАТО, во случајов Украина, појасни Петровска.
Таа додаде дека досега од нашата држава не е побарано да прими дополнителни воени трупи од Алијансата и дека таквата одлука ќе биде на државниот врв и претседателот.