„Донациите кои Северна Македонија ги одвојува за Украина не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата. Доколку тоа беше случај ние немаше да ги предложиме тие одлуки. Без оглед на мојата политичка волја да се помогне, ако Генералштабот даде негативно мислење, јас нема да се осмелам да предложам таква одлука до Владата“ рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска во нејзиното гостување на ТВ Шења.

Таа додаде дека не се точни шпекулациите дека свесно се отуѓува имотот на Армијата и дека се нанесува штета на нејзината способност, за што говорат и бројките.

„Тоа ќе беше случај ако минатите години не се вложуваше во Армијата. Процентот на раст на буџетот за одбрана од 2017 година наваму говори за нешто сосема друго. Се надополнува сиот изминат период кога во Армијата малку се инвестирало – не само во вооружување и опрема, туку и во човечки ресурси“ рече Петровска.

Министерката кажа дека оваа година над 33 отсто од буџетот за одбрана е издвоен за модернизација и опремување на Армијата.

„Хеликоптерите кои Северна Македонија ги донираше на Украина се нефункционални за нас бидејќи немаме резервни делови, кои се од руско производство. Старите хеликоптери, произведени во 1984 година ги заменуваме со нови од западно производство“ рече Петровска.