Од каде знаете дали има или нема истрага внатре во Министерството за одбрана, го праша министерката Славјанка Петровска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки во ТВ дуелот во „Само вистина“. Ковачки обвини дека се дава мито за испраќање војници во мисија во странство, а Петровска истакна дека истрага за овие шпекулации има и таа самата ова го пријавила.

-Зарем министерот е истражен орган? Сите документи треба да ги испратите во Јавното обвинителство, јас сум политички избрано и именувано лице. Јас треба да пријавам, а не да влијаам и да се мешам во истрагата. Тоа е политикантство и јас нема да го прифатам. Вие сте така навикнати од работењето за време на власта во ВМРО-ДПМНЕ, рече Петровска.

Таа додаде дека ниту еднаш ја нема злоупотребено функцијата за партиски или други цели.

-Такви сознанија стигнаа и до мене и се обратив до службите во Министерството, тоа го направив во месец март или април. Не сакав да го уништам кредибилитетот на Министерството, но и мојот, бидејќи тие решенија за испраќање во мисија ги потпишувам јас. Не тврдам дали има корупција или не, тоа е работа на истражните органи. Истрага има и таа е во тек. Без разлика дали тоа е дознаено преку формални или неформали канали, јас како министерка тоа го пријавив. Дали Ковачки ги користи своите линкови преку поранешни колеги во Министерството и свесно ги соопштува во јавноста за добивање ситни политички поени е главното прашање, кажа министерката Петровска.