Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска оствари средба со министерот за надворешна трговија, атрактивност и француска дијаспора при Министерството за Европа и за надворешни работи на Француската Република, Оливие Бешт, кој деновиве е во посета на регионот.
Како што информираат од Министерството за одбрана, на средбата е разговарано за проширувањето на Европската унија и евроинтеграциите на Северна Македонија, за можностите за продлабочување на соработката во полето на одбраната и развој на одбранбената индустрија во земјава со француски инвестиции во капацитетите.
-Франција е еден од нашите најголеми партнери во Европската унија и држава со која имаме одлична соработка во полето на одбраната, за што најдобар доказ е и набавката на францускиот систем за противвоздушна одбрана, потенцираше министерката Петровска.
Во поглед на проширувањето на Европската унија, за време на состанокот од страна на министерот Бешт било потенцирано дека Франција сака побрзо да ја види Северна Македонија во ЕУ, со што повторно била реафирмирана силната француска поддршка за европската интеграција на земјава, процес за кој министерката Петровска посочила дека претставува стратешки интерес за државата.