Ќерката на Берни Еклстон им одговори на критичарите кои ѝ забележуваат поради тоа што го обиколи целиот свет во текот на пандемијата.

Милијардерката Петра Еклстон (32) вели дека „има огромна фобија од болести“, а од застрашувачката пандемија на коронавирусот, сепак, успеала да побегне, и тоа, благодарение на патувањата! Имено, ќерката на Берни Еклстон за време на карантинот престојувала во дури седум земји и не гледа ништо лошо во тоа.

Според „Дејли мејл“, од март минатата година, ќерката на Берни и Славица Еклстон со нејзиниот свршеник Сем Палмер (37) и четирите деца отпатувале во Лондон, па потоа во Хрватска, па назад во Лос Анџелес. Потоа семејството одлетало за Швајцарија, Франција и Монако, па повторно во Лос Анџелес. Во декември лани семејството отпатувало во Монако, потоа на Малдивите, па назад во Монако.

Не прекршив никакви правила. Во моментов сме во Монако. Засега. Не сум сигурна каде ќе бидеме следната недела… Ние сме многу свесни за ковид-19. Го прелетавме целиот свет обидувајќи се да го заобиколиме вирусот. Мислам дека сега, сепак, сфативме дека е невозможно да се избега од него – рекла Петра во интервјуто за „Тајмс’ Т2“.

Објаснила дека се вратила во Лондон со семејството од својот дом во Лос Анџелес, токму кога пандемијата лани земала замав. Таа напоменува и дека во Велика Британија тие „одвај ја напуштале куќата“. Потоа, заминале за Хрватска, каде среде летото поминале еден месец на јахтата на нејзиниот татко. Но, бидејќи нејзината постара сестра Тамара (36) и таткото Берни (90) со своите семејства биле во Швајцарија, Петра и Сем одлучиле да им се придружат за нивните деца да можат да уживаат во активности на отворено наместо да бидат затворени дома.

Но, вирусот и понатаму „дивеел“, па парот „избегал“ понатаму во Монако. Децата цело време присуствувале на онлајн настава, а во еден момент нивната дадилка/куќна помошничка се разболела од коронавирусот, па Петра и Сем сè морале сами да прават.

Инаку, богатата наследничка со нејзиниот поранешен сопруг, бизнисменот Џејмс Стант, ги има ќерката Лавинија (8) и близнаците Џејмс Роберт Фредрик и Ендру Кулбир (5), а со Сем доби девојче минатиот март..

Милијардерката еднаш рече дека развила вистинска фобија од болеста откако на 14-годишна возраст заболела од менингитис и за малку избегнала смрт.

Хипохондрик сум, мразам микроби, вируси, бактерии… И кога не сум 100 отсто сигурна дека имам контрола врз таа ситуација, станувам анксиозна. Овој коронавирус ме плаши, многу сум вознемирена поради пандемијата – рекла Еклстон.

А, што се однесува до многуте критики со кои се соочува заради нејзиниот луксузен начин на живот во текот на карантинот, Петра вели: „Признавам дека фактот дека можам да патувам е „неправеден“, но кога другите би ја имале истата можност, тие би ја искористиле – па и тие би отишле на одмор!“.

.