Новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков во ексклузивно интервју за Бугарската национална телевизија изјави дека новата бугарска Влада ќе ја зачува досегашната бугарска позиција во однос на РС Македонија, но најави нејзино конструктивно надградување.
Петков планира воспоставување заеднички работни групи на претставници од Бугарија и од Северна Македонија, со фокус на „она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други“.
Ова се двете прашања и одговорите од интервјуто на премиерот Кирил Петков за Бугарската национална телевизија (БНТ).
БНТ: Дали треба да очекуваме промена на бугарската позиција во однос на Северна Македонија?
Петков: „Со нашите коалициски партнери јасно дебатиравме и запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас. Ние ја зачувуваме позицијата на Република Бугарија во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. И тука ќе биде новината. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура, заеднички економски чекори… Така што, кога зборуваме за дебата и за решавање на заедничките проблеми – да се фокусираме на добрососедство, на она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други.“
БНТ: Кога ова ќе стане факт и кога ќе воспоставите комуникација со Република Северна Македонија и со нејзиниот премиер?
Петков: „Во најкус рок. Тоа ќе биде мој приоритет зашто не сакаме да губиме време на никаков начин. Многу време изгубивме досега во изминатите години, така што на министерот за надворешни работи ќе му биде главен приоритет организацијата на овие работни групи за новиот тон што ќе биде многу поконструктивен и ќе почива на заедничките нешта што можеме да ги придобиеме, а не само прашањата што се проблематични, но за тие прашања ние ќе ја држиме бугарската позиција, апсолутно, на ист начин. Едноставно, треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме.“